БАЛКОН ОД СОНИШТАТА – 500 евра за еден фудбалски натпревар
Балконот на Дино стана сензација откако објави дека го изнајмува за натпреварот.

Дино Мујановиќ од Зеница го има најпознатиот балкон во градот, особено во пресрет на четирите бараж-финалиња за Светското првенство. Тој ќе гледа директен пренос вечерва од 20:45, токму од својот дом со поглед кон стадионот Билино Поље и местото каде што секој Босанец би сакал да биде.
Во Зеница вечерва гостува Италија, а на балконот на Дино екипа на „Газета дело Спорт“ направи интервју, кое го насловија:
„Ми понудија автомобили, пари и… компири за да го гледаат натпреварот БиХ – Италија од балконот“.
На раскрсницата на Фра Иван Фрањо Јукиќ во Зеница, помеѓу стадионот Билино Поље и реката Босна, се наоѓа огромна дваесеткатница. Изградена во раните 1970-ти години, таа се наоѓа спроти историскиот стадион каде што настапува босанската репрезентација, клубот Челик и дури и рагби тимот. Во зградата живеат стотици семејства, а балконите гледаат директно кон теренот. Дино отсекогаш живеел во еден од овие станови, со огромна сива софа и телевизор во дневната соба, пишува „Газета“.
Балконот стана вистинска сензација откако Дино објави на Фејсбук:
„Изнајмувам балкон, цена 500 евра. Може да прими четворица, а во цената е вклучена скара и пијачка по ваш избор. Само сериозни понуди во иМбокс“.
Сепак постот му бил за да се мајтапи. Фудбал од балконот гледа исклучиво со семејството и пријателите.
„Веднаш по полуфиналето од плејофот напишав дека ќе го изнајмам мојот балкон за 500 евра за натпреварот против Италија. Цената вклучуваше скара и пијалок по нивен избор. Секако, се шегував, но пријатели и навивачи ми испратија десетици пораки.
