БАЧЕВ: ПРАВДА И ЧОВЕЧНОСТ ПРЕД ЛИЧНИОТ ИНТЕРЕС – Линеарно зголемување на пензиите е решение
Со буџетски пари зголемувањето мора да биде еднакво за сите - зголемувањето на пензиите е социјална, а не економска категорија

Претседателот на Единствена Македонија проф. д-р Јанко Бачев, на социјалната мрежа Фејсбук ја отвора дилемата за линеарно или процентуално зголемување на пензиите. Тој смета дека линеарниот модел е правилен, човечки и во корист на најголемиот дел од 330.000 пензионери поради следното:
-„Деновиве актуелна е одлуката на Уставниот суд, со судијката известител Добрила Кацарска, да поведе постапка за оценување на уставноста на линеарното зголемување на пензиите. Иако лично мене повеќе ми одговара процентуалното зголемување, сепак, имајќи го предвид поширокиот интерес на најголемиот дел од 330.000 пензионери на кои им е поповолно линеарното зголемување – јас се залагам за линеарниот модел. Моето уверување е дека личниот интерес треба да биде ставен на последно место, а општиот интерес на граѓаните секогаш да биде водилка.
Дотолку повеќе, линеарното зголемување е правилно и човечки од следните причини:
Процентуалното зголемување ги привилегира пензионерите со највисоки пензии. Ако зголемувањето е 6%, пензија од 60.000 денари се зголемува за 3.600 денари, а пензија од 15.000 за само 900 денари. Мала група на пензионери добива најмногу, на сметка на најголемиот број од 330.000 пензионери. Линеарното зголемување обезбедува еднаквост. При еднакво зголемување, на пример 3.000 денари – сите пензионери добиваат исто.
Важно, при самото пензионирање веќе е вреднуван целиот работен стаж, висината на уплатените придонеси и минатиот труд, со што, некој заминува во пензија со 60.000 денари, а некој со 15.000 денари. Овие разлики во пензиите не се спорни. Меѓутоа, откако лицето станува пензионер, тогаш сите се еднакви без разлика дали некој бил функционер, професор, судија, службеник, работник, земјоделец…Сите се во ист статус на пензионер, во мирување, работно неактивни и со еднаква социјална положба.
И најбитно, 35 години зголемувањето на пензиите се врши со буџетски пари. Буџетот го полнат сите, владата носи одлука да префрли пари од буџетот за покачување на пензиите, и замислете, од буџетски пари некој треба да добие зголемување од 3.600 денари а некој само 900 денари. Ова е вон секаква правна и човечка логика!
Според тоа, зголемувањето на пензиите е социјална, а не економска категорија и треба да биде еднакво за сите. Во ова тешко време најголемиот дел од 330.000 пензионери едвај преживуваат. Пензионерите кои ја граделе оваа држава заслужуваат почит и достоинствена старост, а не борба за опстанок“ – напиша Бачев на фејсбук.

