БАЧЕВ ДО ГРУЕВСКИ – Има ли разлика меѓу Заев, Филипче и Мијалков

Најтрагично е што ваквите бандити и предавници, од типот на Заев и Мијалков, не чувствуваат никаква вина и од Дубаи и Монте Карло ни се смеат на сите

БАЧЕВ ДО ГРУЕВСКИ – Има ли разлика меѓу Заев, Филипче и Мијалков
Фото: Национал

Претседателот на Единствена Македонија, проф. д-р Јанко Бачев, на Фејсбук реагираше на неодамнешното пишување на Никола Груевски во кое тој ги критикува Зоран Заев и Венко Филипче, отворајќи ја дилемата дали навистина постои суштинска разлика меѓу нив и Сашо Мијалков.

Бачев наведува дека во целост се согласува со оценките на Груевски за Заев и Филипче, посочувајќи дека Заев е еден од најголемите предавници во поновата македонска историја, кој, според Бачев, избришал сè што е македонско. Сепак, тој смета дека приказната не е целосна доколку се изостави улогата на Сашо Мијалков.

„Денеска Мијалков е на исто рамниште со бандитизмот како и Заев и Филипче“, пишува Бачев, користејќи го примерот што самиот Груевски го наведува за таканаречената „златна виза“ на Филипче во Дубаи. Според тамошниот закон, за добивање таква виза потребна е инвестиција од најмалку 550.000 долари – сума која, како што наведува Груевски, лекар во македонското здравство би можел да ја заработи само доколку работи 40 години без да потроши ниту денар од платата.

Но, според Бачев, истата логика важи и за Мијалков.

„Како е можно човек со плата од околу 1.000 евра месечно, како директор на тајната полиција десетина години, да стекне стотици милиони евра? Тоа е невозможно само со плата“, истакнува Бачев.

Тој потсетува и на периодот од 2002 година, кога Мијалков бил отстранет од Министерството за одбрана поради шверц, при што, како што тврди, Груевски лично го молел тогашниот премиер Љубчо Георгиевски да му се најде некаква работа на Мијалков во администрацијата за да не остане без егзистенција.

„Најдобронамерно му порачувам на Груевски: извини се пред народот за Мијалков како еден од најголемите бандити кои ја ограбија државата. Само тогаш твоите пишувања ќе бидат искрено и со почит прифатени“, наведува Бачев, додавајќи дека селективното и морално неиздржано пишување само го забавува народот.

Тој оценува дека додека Груевски како премиер бил фокусиран на економијата, во позадина му дозволил на Мијалков да стане најмоќниот човек во државата – практично претседател, премиер и министер во едно со оправдување дека како најблизок роднина ќе му го чува грбот. Наместо тоа, според Бачев, Мијалков ја злоупотребил функцијата и сноси голема одговорност за политичкиот пад на Груевски.

„Најтрагично е што ваквите бандити и предавници, од типот на Заев и Мијалков, не чувствуваат никаква вина и од Дубаи и Монте Карло ни се смеат на сите“, заклучува Бачев.

CATEGORIES
TAGS
Share This