АНГЛИЈА НА НОЗЕ – Стотици илјади маршираа кон Даунинг стрит

Протестот предизвика силни реакции, а британските власти предупредија на нулта толеранција за говор на омраза и насилство.

АНГЛИЈА НА НОЗЕ – Стотици илјади маршираа кон Даунинг стрит
Фото: Принтскрин

Стотици илјади демонстранти маршираа низ центарот на Лондон кон Даунинг стрит, во протест што британските медиуми го опишуваат како еден од најголемите националистички собири во последните години.

Под слоганот „Обединете го Кралството“, учесниците носеа англиски и британски знамиња, изразувајќи незадоволство од миграциските политики и актуелната власт. Организатор на маршот е десничарскиот активист Томи Робинсон, кој претходно повика на „најголемо море од патриоти“ што некогаш се собрало во Лондон.

Британските власти презедоа засилени безбедносни мерки пред протестот, при што на 11 активисти им беше забранет влез во земјата. Премиерот Кир Стармер порача дека нема да се толерира поттикнување омраза или насилство.

Лондонската полиција спроведе масовна безбедносна операција со илјадници полицајци, хеликоптери, дронови, коњаница, полициски кучиња и системи за препознавање лица.

Во меѓувреме, во друг дел од британската престолнина се одржа и контрапротест организиран од левичарски и проимигрантски групи, кои се спротивставија на повиците за построги миграциски политики.

Поддршка за протестот испрати и специјалниот претставник на рускиот претседател Владимир Путин, Кирил Дмитриев, кој преку платформата X порача дека Британците треба да се борат за зачувување на својот начин на живот и против неконтролирана миграција.

CATEGORIES
TAGS
Share This