ЈАНЕВСКА НАЈАВУВА – Крај на вонредно студирање за дел од регулирани професии
Предност при вработување за најдобрите студенти и оние со меѓународно образование

Министерката за образование и наука, проф. д-р Весна Јаневска, изјави дека предлог-законот за високо образование предвидува укинување на вонредното студирање за дел од регулираните професии, со цел заштита на јавниот интерес и унапредување на квалитетот на кадрите.
Како што посочува, вонредното студирање и понатаму нема да биде дозволено на Медицинскиот факултет, а со новите законски решенија истата забрана ќе важи и за наставничките факултети.
Според Јаневска, оваа мерка е насочена кон модернизација и зајакнување на овие студии, со цел образовниот систем да продуцира поквалитетни кадри и подобри образовни резултати, наместо ученици кои се на дното на ПИСА-листите.
Министерката истакна дека новиот закон носи бројни измени во корист на студентите. Меѓу нив се предност при вработување за студентите од студии на првите 100 светски универзитети, добитниците на Инженерскиот прстен и најдобрите 10 студенти на секој универзитет. Дополнително, мандатот на студентските претставници во телата на факултетите и универзитетите се продолжува од една на две години.
Со законот се овозможува и вклучување на студентите во научно-истражувачки проекти, како и утврдување на минимален надомест за нивната работа како демонстратори.
Јавната расправа за предлог-законот започнува денес на Универзитет „Мајка Тереза“, а меѓу клучните новини се и построги критериуми за избор во наставно-научни звања. Тие подразбираат поголем обем на научна работа, објавување трудови во релевантни меѓународни бази како Web of Science и Scopus, како и зголемена цитираност.
Законот, како што нагласи Јаневска, инсистира и на интернационализација на универзитетите преку соработка со странски високообразовни институции, особено во европскиот простор, како и развој на заеднички студиски програми и двојни дипломи.
Иако Министерството нема да се меша во креирањето на студиските програми, законот бара нивна модернизација и воведување модуларен систем на студирање. Со зајакнување на научната работа на наставно-научниот кадар, очекувањата се дека тоа знаење директно ќе се пренесе и на студентите.
Јаневска потсети дека во минатото постоеле повисоки критериуми кои придонеле за поголема меѓународна видливост на македонските универзитети, но со нивното намалување дошло до пад на рејтингот. Сега, како што рече, повторно се создава основа за раст на квалитетот, видливоста и конкурентноста на високото образование, со цел привлекување и на странски студенти и подобрување на позицијата на македонските универзитети на светските ранг-листи.


