АМСМ СО УТРИНСКИ БИЛТЕН Без застои на патиштата

Сообраќајот на државните патишта утрово се одвива непречено, по претежно суви коловози, информираат од АМСМ во дневниот билтен за состојбата на патиштата од 5 јануари 2026 година.
Интензитетот на сообраќај надвор од градските средини е умерен, а на граничните премини од македонска страна засега нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
Од АМСМ потсетуваат дека од 15 ноември 2025 година е на сила законската обврска за задолжително поседување зимска опрема во возилата, без разлика на моменталните временски услови. Оваа обврска ќе важи до 15 март 2026 година.
Возачите се повикуваат на внимателно управување со возилата, прилагодување на брзината и почитување на сообраќајната сигнализација, особено на патиштата кои минуваат низ котлини, речни долини и клисури, каде што постои зголемена опасност од одрони. Како критични делници се посочуваат правците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
Патниот правец Охрид – Ресен преку Националниот парк Галичица останува затворен за сообраќај за сите видови возила во периодот од 21 ноември 2025 до 31 март 2026 година.
Во тек се и повеќе градежни активности на државните патишта. На делницата Прилеп – Битола, како дел од Коридор 10, сообраќајот е пренасочен по регионалниот пат Р1101. На скопската обиколница (пат А2) се врши рехабилитација на коловозот од клучка Волково до клучка Кондово, при што е затворена левата лента за претекнување.
Регулиран режим на сообраќај има и на експресниот пат Крива Паланка – Страцин, како и на неколку регионални и магистрални правци каде се изведуваат санации и градежни работи, со наизменично пропуштање на возилата и временска семафоризација.
Од АМСМ апелираат возачите редовно да ја следат состојбата на патиштата и да ги почитуваат упатствата на надлежните служби.


