АМБАСАДАТА ПОМОГНА – Првите македонски граѓани од Израел се дома
Заменик-министерот Димитровски ги пречека граѓаните на аеродромот и истакна дека процесот бил сложен.

Вечерва во Скопје пристигна првата група македонски државјани евакуирани од Израел преку Египет. На аеродромот, патниците ги пречека заменик-министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Зоран Димитровски, кој истакна дека процесот бил сложен и барал сериозен ангажман на дипломатско-конзуларните претставништва.
„Вечерва пристигна првата група наши сограѓани од Израел, кои беа евакуирани преку Египет. Таму Амбасадата целосно организираше превоз за нив. Во Израел остануваат уште седуммина граѓани кои во моментов не сакаат да бидат евакуирани и чекаат да се ослободи воздушниот простор, за да се вратат подоцна со приватен лет преку приватна компанија“, изјави Димитровски.
Тој нагласи дека се работи на тоа најдоцна до понеделник сите македонски државјани да бидат враќани со три до четири летови од овие дестинации.
„Наредните денови тие ќе бидат пренесени со чартер летови, организирани од Владата и Министерството за надворешни работи. Еден од летовите ќе тргне од Ријад, Саудиска Арабија“, додаде тој.
Димитровски сподели дека евакуираните изразиле голема благодарност што имаа можност да се вратат дома.
„Граѓаните кои пристигнаа велат дека секојдневно морале да одат во засолништа кога се огласувале сирени. Иако за израелските граѓани тоа е дел од секојдневието, за нашите беше необично и тешко искуство. Некои беа затекнати во Израел токму кога сакале да се вратат, но аеродромите беа затворени. Тие се многу благодарни за комуникацијата со нашата амбасада и за тоа што им беше овозможено безбедно да се вратат дома“, рече Димитровски.
Според него, во земјите од Заливот моментално има околу 600 македонски државјани, најмногу во Абу Даби и Дубаи, околу 140 во Катар, а помал број во Бахреин и Кувајт.


