АЛБАНИЈА ОДИ ЧЕКОР ПОНАПРЕД – Бескаматни кредити и грантови за купување дом

АЛБАНИЈА ОДИ ЧЕКОР ПОНАПРЕД – Бескаматни кредити и грантови за купување дом

Албанската Влада денеска усвои нова програма за поддршка на домувањето, насочена кон социјално ранливите категории, со која ќе се доделуваат бескаматни кредити субвенционирани од државниот буџет. Програмата има за цел да обезбеди долгорочна и одржлива помош за граѓани кои се во особено чувствителна положба, информираше министерот за економија, култура и иновации, Бленди Гонџа.

„Иницијативата нуди директна финансиска поддршка за семејствата на службеници кои го загубиле животот при извршување на службената должност, како и за децата под државна грижа“, истакна Гонџа на денешната прес-конференција.

Програмата, меѓу другото, ги опфаќа и станарите кои живеат во поранешни приватизирани имоти. Како клучна новина се издвојува неповратниот грант од 20% од вкупната цена на домувањето за секој апликант што ќе ги исполни утврдените критериуми.

Граѓаните кои сакаат да аплицираат, тоа можат да го сторат онлајн, преку националниот портал, со избор на услугата „Апликација за станбен кредит со 0% камата – Национална агенција за домување“. Процедурата предвидува пополнување на формулар и прикачување на соодветна документација, а аплицирањето е отворено и без временско ограничување или претходна покана од Министерството.

Новата шема претставува проширување на постојната владина политика, која веќе две години обезбедува бескаматни кредити за лекари, полицајци и припадници на армијата – по 300 кредити годишно за секоја категорија. Со воведувањето на оваа нова програма, Владата на Албанија има за цел да обезбеди поширока социјална заштита и пристојно домување за уште поголем број граѓани.

CATEGORIES
Share This