АЛБАНИЈА НА ПРАГОТ НА РЕКОРД Дознаките од дијаспора се приближуваат до една милијарда евра
Централната банка на Албанија бележи континуиран раст на парите што иселениците ги испраќаат дома

Паричните дознаки што албанските иселеници им ги испраќаат на своите семејства бележат значителен раст, што директно се поврзува со новиот бран емиграција од земјата.
Според податоците на Централната банка на Албанија, во периодот од јануари до септември годинава во земјата пристигнале 817 милиони евра дознаки, што претставува зголемување од 5,9 проценти во споредба со истиот период лани.
Само во третиот квартал, емигрантите испратиле 285 милиони евра, односно 8,8 проценти повеќе отколку во истото тромесечие минатата година, при што банката посочува дека растот е резултат на летните сезонски миграциски текови.
Доколку се задржи актуелното темпо, 2025 година би можела да заврши со прилив од над една милијарда евра, што би претставувало рекордна сума во историјата на албанската економија.
Зголемувањето на дознаките е тесно поврзано со интензивирањето на иселувањето. Според податоците на Евростат, само во периодот 2022-2023 година, за првпат биле издадени 154 илјади дозволи за престој на албански државјани.
Од 2008 година наваму, повеќе од 920 илјади албански граѓани добиле дозволи за престој во земјите од Европската Унија, при што токму тие претставуваат главен извор на финансиска поддршка за семејствата во Албанија.
Италија и Грција и понатаму се главни дестинации за албанските иселеници, додека во последните години забележителен е порастот на дознаките од Велика Британија и Германија.
Централната банка на Албанија ги пресметува дознаките преку формални и неформални канали, користејќи банкарски податоци и специјализирани анкети, со цел попрецизно да се измери реалниот придонес на емигрантите во националната економија.


