АКТИВНИ ДЕВЕТ ПОЖАРИ ВО ЗЕМЈАТА – Кризниот штаб заседаваше, се активира европска помош

АКТИВНИ ДЕВЕТ ПОЖАРИ ВО ЗЕМЈАТА – Кризниот штаб заседаваше, се активира европска помош

Девет пожари на отворен простор остануваат активни на територијата на Македонија, информира Центарот за управување со кризи (ЦУК) утрово. Од вкупно 63 пожари регистрирани во текот на вчерашниот ден, четири се ставени под контрола, еден е локализиран, а 49 се целосно изгаснати.

Меѓу активните пожари се регистрирани огнени жаришта во Чучер Сандево – Блаце (ниска вегетација), Визбегово – Шуто Оризари (депонија), село Бешиште кај Прилеп (мешана шума), како и во Македонски Брод, каде што се зафатени дабова шума и грмушки. Активни се и пожари помеѓу селата Црешнево и Локвица, кај фабриката „Самоков“ во село Рамне, како и во шумските предели кај Слатина, Ковче и под Солунска Глава, каде чадот се шири од карпест терен. Нискостеблеста шума гори и во село Николиќ, Дојран.

Пожарот кај Кочани, во месноста Бабиште, помеѓу селата Јастребник и Полаки, е локализиран, а во него беа зафатени ниска вегетација и мешана шума.

ЦУК информира дека под контрола се пожарите на градската депонија „Острец“ во Делчево, во селото Драгобраште кај Виница, во селата Градец и Лозаково кај Крива Паланка, како и кај село Ларце во општина Желино.

Поради сериозноста на ситуацијата, синоќа во Владата заседаваше Кризниот штаб. Беше донесена одлука за активирање на европскиот механизам за цивилна заштита, со цел добивање меѓународна помош во справувањето со пожарите.

Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски, по седницата, изјави дека ширењето на пожарите најмногу се должи на неповолни временски услови и силен ветер. Сепак, додаде дека постојат основи за сомнение дека дел од пожарите биле намерно подметнати, особено во близина на клучни инфраструктурни објекти, патишта и густо населени зони.

Надлежните институции ги повикуваат граѓаните на крајна претпазливост и соработка, со цел навремено спречување и пријавување на потенцијални пожари.

CATEGORIES
Share This