АХМЕТИ СО ПОРАКА – Даваме поддршка на протестот во Скопје за поранешните лидери на ОВК
Премиерот Мицкоски предупредува дека протестот може да создаде политички тензии и изолација на ДУИ.

Поддржувачи на поранешните команданти на Ослободителната војска на Косово (ОВК) најавија масовен протест во Скопје, кој ќе се одржи на 13 декември на плоштадот „Скендербег“. Настанот следи по слични протести во Хаг, Приштина, Тирана и Стразбур и е организиран од здруженија и ветерани кои бараат „правда за обвинетите во Хаг“.
Лидерот на ДУИ, Али Ахмети, ги повика граѓаните да се приклучат, нагласувајќи дека „гласот за правдата мора да се слушне и во Скопје“. Тој изрази поддршка за ОВК и порача дека „слободата не се обвинува, туку се брани“, aлудирајќи на судскиот процес против косовските лидери. Ахмети истакна дека поддршката од Приштина и Тирана ќе продолжи и во Скопје и го нарече протестот „дел од борбата за вистината“.
Претходно, лидерот на ДУИ учествуваше на два големи протести организирани во Приштина и Тирана, исто така во знак на поддршка за поранешните водачи на ОВК.
Премиерот Христијан Мицкоски претходно го повика Ахмети да се откаже од протестот, оценувајќи дека таквиот чекор може да го изолира лидерот на ДУИ на политичката сцена. Според него, протестот е мотивиран од внатрепартиски пресметки пред конгресот на ДУИ и може да создаде дополнителни тензии. Мицкоски додаде дека на собирот можат да учествуваат групи од Косово и Албанија, како и помали радикални структури од земјата, но не очекува поддршка од коалициската групација „Вреди“ ниту позитивен сигнал од меѓународната заедница.
Здружението на ветераните на ОНА најави учество, истакнувајќи дека ова ќе биде петти по ред протест за поддршка на обвинетите поранешни лидери на ОВК. Настанот е закажан за 13 декември во 13 часот, со марш кон плоштадот „Скендербег“.
Во Судот во Хаг се судат Хашим Тачи, Кадри Весељи, Јакуп Красниќи и Реџеп Селими за воени злосторства извршени на Косово.


