ЈАГНЕШКО ЗА ВЕЛИГДЕН ЌЕ ИМА ВО ИЗОБИЛИЕ Цената за килограм ќе биде италијанска по 11 евра за килограм
Цената за домашниот пазар ќе биде слична како онаа по која ќе се увезува во Италија - 11 евра, односно околу 660 денари за килограм.

Цената на јагнешкото пред претстојните велигденски празници ќе порасне и се очекува еден килограм да се продава над 600 денари во маркетите и во месарниците. Голем дел од македонските јагниња и годинава ќе се пласираат на пазарите во Италија, помал дел во Хрватска, но ќе има доволни количини и за домашниот пазар. Со оглед на тоа што извозниот шпиц ќе биде пред празникот, сточарите велат дека прво ќе се задоволат потребите на домашниот пазар, а тоа што ќе остане ќе оди за извоз.
„Годинава, католичкиот и православниот Велигден се во исто време, што значи дека извозниот шпиц ќе се поклопи со зголемените потреби на домашниот пазар. Тоа значи, истото јагне што ќе оди за Италија ќе биде и за нашиот пазар, со тоа што приоритет ќе имаат домашните купувачи. Цената за домашниот пазар ќе биде слична како онаа по која ќе се увезува во Италија – 11 евра, односно околу 660 денари за килограм. Инаку, во моментов, јагнешкото во Италија се продава по 10,70 евра на големо, но се очекува цената да расте и да биде над 11 евра. Со оглед на тоа, се очекува да се зголеми и откупната цена во шпицот и таа да биде 250 денари за килограм жива мера“ – изјави Никола Георгиев, претседател на Сојузот на овчари.
Во моментов, јагнето на домашниот пазар се откупува по цена од 210 до 230 денари за килограм прва класа, кое многу ретко се наоѓа. Георгиев вели дека надвор од шпицот, откупната цена на јагнето била ниска, но дека јагнето мора да се продаде кога ќе ја достигне продажната големина.


