АЕК СЛУЖБЕНО ГО ЗАГУБИ ФИНАЛЕТО Алкалоид нов европски шампион

Додека официјална реакција од АЕК сè уште нема, повеќе е од јасно дека клубот се соочува со сериозен предизвик и можна криза која може да има долгорочни последици по неговото учество на европската ракометна сцена.

АЕК СЛУЖБЕНО ГО ЗАГУБИ ФИНАЛЕТО Алкалоид нов европски шампион
Фото: Принтскрин

Атинскиот ракометен клуб АЕК службено го загуби реванш натпреварот против македонскиот Алкалоид во финалето на ЕХФ Европскиот куп, откако Европската ракометна федерација (ЕХФ) донесе одлука да го регистрира натпреварот со службен резултат 10-0 во корист на македонскиот тим.

Со ова, Алкалоид е прогласен за победник на натпреварувањето, а АЕК се соочува со сериозни последици, меѓу кои и потенцијално исклучување од европските натпревари за следната сезона.

Грчките медиуми остро реагираа по објавувањето на одлуката на ЕХФ. Наслови како „АЕК службено го губи натпреварот со Алкалоид, а со тоа и европската титула“ и „Сериозна опасност за АЕК – можен двегодишен бан од Европа“, ја одразуваат сериозноста на ситуацијата во која се најде атинскиот клуб.

Од ЕХФ информираат дека АЕК има рок до 12 јуни да поднесе жалба на одлуката, но потенцираат дека жалбата нема суспензивен ефект и нема да го смени моменталниот статус.

Одлуката уследи откако АЕК одлучи да не настапи на вториот финален натпревар, закажан за 25 мај во Скопје, како протест поради тоа што на нивните навивачи не им бил дозволен влез во Македонија.

„АЕК одлучи да не се натпреварува, во знак на протест поради блокадата на нивните навивачи на граница. Последиците беа познати уште од стартот и сега се потврдија“, пишува грчкиот спортски портал Спорт ФМ.

Грчката ракометна федерација, која добила официјално известување од ЕХФ, ја потврди одлуката, наведувајќи дека покрај натпреварувачкиот дел, сè уште се очекуваат дополнителни дисциплински мерки за двата клуба.

„Ова не е крај на тешкотиите за АЕК. ЕХФ ќе разгледа и дополнителни дисциплински и финансиски санкции, кои би можеле дополнително да го оптоварат клубот“, пренесува Спортлајв.

Порталот Еноси, специјализиран за вести поврзани со АЕК, посочува дека случајот останува отворен, со можност АЕК да се соочи со нови санкции, вклучително и исклучување од европски натпревари на две години.

Дополнителен товар за АЕК доаѓа и од домашниот шампионат. Клубот е казнет со играње на следниот натпревар без публика, поради инциденти на првото финале од грчкото првенство против Олимпијакос, кога навивачите на АЕК фрлале шишиња кон гостинските навивачи.

Додека официјална реакција од АЕК сè уште нема, повеќе е од јасно дека клубот се соочува со сериозен предизвик и можна криза која може да има долгорочни последици по неговото учество на европската ракометна сцена.

CATEGORIES
Share This