ИСТОРИСКИ САМИТ ВО АЛЈАСКА Трамп и Путин лице в лице за Украина
Главна тема ќе биде можноста за долгорочно и мирно решение на украинскиот конфликт.

Помошникот на рускиот претседател, Јуриј Ушаков, потврди дека Владимир Путин и Доналд Трамп ќе се сретнат во петок, 15 август, во американската држава Алјаска.
„Постигнат е договор за организирање на средба меѓу претседателите на Русија и САД. Двете земји се соседи и се граничат преку Беринговиот теснец, па изгледаше логично самитот да се одржи токму таму“ изјави Ушаков за ТАСС.
Главна тема ќе биде можноста за долгорочно и мирно решение на украинскиот конфликт. Лидерите ќе разговараат и за економски проекти во Алјаска и Арктикот, кои Москва и Вашингтон ги сметаат за перспективни и взаемно корисни.
Според Ушаков, претстојат интензивни подготовки за политичките и практичните аспекти на средбата, која „нема да биде лесна“. Кремљ најавува дека по Алјаска, следниот состанок би можел да се одржи во Русија, а поканата веќе е испратена до американскиот претседател.
Трамп, пак, потврди дека средбата ќе биде одржана на 15 август и додаде дека ќе се разговара за завршување на војната во Украина. Тој најави и можност за „размена на територии“ меѓу Украина и Русија како дел од идниот договор:
„Ќе има размена на територии во корист на двете страни, но тоа е сложено прашање за кое ќе зборуваме подоцна“ – изјави Трамп, посочувајќи дека станува збор за региони каде што борбите траат повеќе од три и пол години.


