ДО КРАЈОТ НА АВГУСТ – ВМРО-ДПМНЕ ќе ги објави сите кандидати за градоначалници

Во врска со се поголемата појава на независни листи кои се трансформираат во политички партии, Мицкоски изјави дека рокот за измена на Изборниот законик е веќе поминат, а процедурата е блокирана.

ДО КРАЈОТ НА АВГУСТ – ВМРО-ДПМНЕ ќе ги објави сите кандидати за градоначалници
Фото: Влада

Списокот со кандидати за градоначалници од ВМРО-ДПМНЕ ќе биде целосно комплетиран до крајот на август, изјави премиерот Христијан Мицкоски. Тој појасни дека се уште постојат дилеми за неколку општини, но дека се работи на детални анализи и теренски истражувања во самите општини и во рамки на партиската структура.

„Имаме неколку дилеми меѓу повеќе потенцијални кандидати, но сите имаат реални шанси за победа. Сега сме во период на годишни одмори, но по 15-20 август ќе започнеме со интензивни анкети и скенирање на состојбата на терен, рече Мицкоски при поставување камен-темелник на нова спортска сала.

Во однос на кандидатурите на актуелните министри Изет Меџити и Фатмир Лимани, Мицкоски истакна дека Владата нема да именува нови министри бидејќи тие не поднеле оставки и продолжуваат да ги извршуваат своите функции, паралелно со изборната кампања. Потсети дека секој министер има и заменик кој може да ја продолжи работата.

„Тоа не е ново, такви случаи сме имале и во минатото. Институциите ќе продолжат со нормално функционирање, нагласи премиерот.

На прашање дали е етички функционери од партијата Вреди да водат кампања додека се на функција, Мицкоски оцени дека нема ништо незаконско во тоа и дека ваквата пракса постоела и претходно.

Во врска со се поголемата појава на независни листи кои се трансформираат во политички партии, Мицкоски изјави дека рокот за измена на Изборниот законик е веќе поминат, а процедурата е блокирана.

„Шест месеци пред избори веќе не е можно да се интервенира во законикот. Одлуките на Уставниот суд се конечни и ние како Влада ќе ги почитуваме. Ќе разгледаме како да се надминат предизвиците што произлегуваат од тоа, заклучи Мицкоски.

CATEGORIES
Share This