СЕМЕЈСТВО НА ИЗРАЕЛСКИ ЗАЛОЖНИК ОБЈАВИ ВИДЕО Осамен и оставен во тунел сам си го копа гробот
Семејството дозволи објавување на видеото откако Хамас го пушти првиот дел од снимките, а потоа, во саботата, беше објавена и продолжената верзија

Семејството на израелскиот заложник Евијатар Давид го објави шокантното видео кое прикажува млада и очигледно изнемоштена личност, во тунел на Хамас, како копа дупка за која самиот стравува дека е сопствен гроб.
Во снимката, Давид е блед, драстично ослабен и со едвај чуен глас сведочи за тешките услови во кои е држен:
„Денес е 27 јули, пладне. Не знам што ќе јадам. Не сум јадел неколку дена,“ вели тој додека држи конзерва, додавајќи: „Оваа конзерва е за два дена. Целата конзерва – за да не умрам.“
Во еден момент, покажува кон дупка во земјата и додава:
„Ова е гробот во кој мислам дека ќе бидам погребан. Времето истекува. Вие сте единствените што можете да го спречите ова.“
Семејството дозволи објавување на видеото откако Хамас го пушти првиот дел од снимките, а потоа, во саботата, беше објавена и продолжената верзија. На неа, Давид се гледа во затворен, клаустрофобичен простор, прецртувајќи денови на ѕид – далеку послабо и понемоќно отколку во претходното видео објавено во февруари, во периодот на прекин на огнот и размена на заложници.
Снимката беше објавена токму во време кога американскиот специјален пратеник Стив Виткоф ја посети т.н. „Плоштад на заложниците“ во Тел Авив, каде што семејства на киднапираните заедно со граѓани протестираа и бараа итна интервенција.
Виткоф изјави дека САД цврсто поддржуваат сеопфатен договор за прекин на огнот и целосно ослободување на заложниците, додавајќи дека Вашингтон повеќе нема да поддржува „делумни договори“ и е решително против ескалација на конфликтот во Газа.
Во својата официјална изјава, семејството на Давид рече:
„Приморани сме да гледаме како нашиот сакан Евијатар се претвора во жив скелет. Тој е жртва на брутална тактика на изгладнување, заробен во тунелите на Хамас. Му остануваат само неколку дена живот – освен ако не се преземе нешто итно.“


