НОВО ТРУЕЊЕ СО ЛЕКОВИ КАЈ БЕБЕ – Втор случај за помалку од две недели

Десетмесечно бебе од Куманово вчера било донесено во Општата болница Куманово со симптоми на труење со лекови, потврдија денеска од Секторот за внатрешни работи Куманово. Настанот бил пријавен во 11:40 часот, а веднаш биле преземени соодветни мерки од страна на надлежните институции.
– Кај нас беше донесено бебе со симптоми на труење со лекови. Извршен е разговор со дежурниот лекар и со родителите, а за случајот е известен јавен обвинител – соопштија од СВР Куманово.
Од болницата за МИА потврдија дека бебето е во стабилна и добра здравствена состојба, но случајот продолжува да се обработува од страна на полицијата.
Овој инцидент е втор од ваков тип за неполни две недели. На 22 јули годинава, едногодишно дете од селото Отља, општина Липково, исто така беше примено со симптоми на труење со лекови.
СВР Куманово продолжува со истрагата за целосно расчистување на околностите под кои дошло до труењето. Институциите апелираат до родителите на малолетни деца да внимаваат на складирањето и достапноста на лековите во домашни услови.


