ТОЧКА ВО МАГНЕТНОТО ПОЛЕ Јужноатлантската аномалија станува се поголема закана за сателитите

Со децении, НАСА внимателно следи една необична и растечка појава во магнетното поле на Земјата – Јужноатлантската аномалија (JAA). Станува збор за огромна зона меѓу Јужна Америка и југозападна Африка, каде што магнетниот интензитет е значително ослабен. Научниците ја опишуваат оваа појава како „дупка“ во магнетното поле, која не влијае директно врз животот на Земјата, но сериозно го загрозува функционирањето на сателити и вселенски летала што минуваат низ неа.
Ослабеното магнетно поле во зоната на JAA дозволува високоенергетски фотони од Сонцето да допрат до орбиталната височина, зголемувајќи го ризикот од дефекти, кратки споеви и трајно оштетување на чувствителна електроника. Поради ова, операторите често ги исклучуваат системите на вселенските летала при премин низ аномалијата. Ова особено се однесува на Меѓународната вселенска станица, која рутински ја минува оваа зона.
Според геофизичарот Тери Сабака од НАСА, главниот извор на магнетното поле е движењето на стопеното железо во надворешното јадро на Земјата, но нерамномерната структура во внатрешноста на планетата игра клучна улога. Една од хипотезите укажува дека густа маса од карпа, наречена Африканска Голема Провинција со Ниска Брзина на Смолкнување, која се наоѓа околу 2.900 километри под површината на Африка, влијае врз стабилноста на магнетното поле и го предизвикува неговото слабеење.
Во 2016 година, научниците открија дека аномалијата се движи, а во 2020 – дека се дели на два одвоени центра, со зони на најголемо магнетно ослабување. Ова отвори нови прашања за идниот развој на феноменот и за тоа дали тој може да е поврзан со големите геомагнетни промени што Земјата периодично ги доживува, вклучувајќи го и превртувањето на магнетните полови.
Иако последиците за секојдневниот живот на Земјата се мали, значењето на JAA е големо за аеронаутиката и истражувањето на вселената. Продолженото набљудување од страна на НАСА и развојот на модели и предвидувања се клучни за спречување на потенцијални катастрофални загуби на податоци или технологија во орбитата.


