ПРВАТА АНТИКОРУПЦИОНЕРКА ПОД ИСТРАГА – Димитровска денеска поднесува оставка
Оставката треба да биде официјализирана во текот на денот, по што Собранието ќе треба да ја констатира и да пристапи кон избор на нов член на Комисијата

Национал дознава дека денеска претседателката на Државната комисија за спречување на корупцијата, Татјана Димитровска се очекува да поднесе оставка, откако против неа беше поднесено обвинение поврзано со случајот „Адитив“.
Обвинителството ја товари Димитровска за две кривични дела – според истрагата, таа незаконски се стекнала со сертификат за државна тајна, а потоа ја злоупотребила функцијата, откривајќи доверливи информации на едно од осомничените лица во предметот.
Оставката треба да биде официјализирана во текот на денот, по што Собранието ќе треба да ја констатира и да пристапи кон избор на нов член на Комисијата.
Ова е првпат актуелен претседател на Антикорупциска комисија да се соочи со кривично гонење додека е на функција – настан што предизвика бурни реакции во јавноста. Граѓански организации веќе повикаа на целосно расчистување на случајот и обезбедување на транспарентна постапка.


