РАЗВИОРЕНИ ЗНАМИЊА ВО АТИНА – Муцунски и Герапетритис со порака за соработка

Министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски денес престојува во своја прва официјална работна посета на Атина, каде што се сретна со неговиот грчки колега, министерот за надворешни работи на Грција, Јоргос Герапетритис.
„Поздрав од Атина – билатералната соработка, економијата и инвестициите во фокусот“, објави Муцунски на својот Инстаграм профил пред средбата што се одржа во просториите на грчкото МНР, лоцирано во центарот на Атина, веднаш спроти Парламентот.
На зградата на грчкото Министерство беше развиорено и македонското знаме, поставено покрај грчкото, а Муцунски пристигна пеш и беше свечено пречекан од својот домаќин.
По разговорите, за 14 часот по локално време е најавена заедничка прес-конференција на двајцата министри.
Муцунски најави дека по средбата во МНР, заедно со директорот на ТИРЗ, Гоце Димовски, ќе оствари средба со раководството на грчката компанија „Ронтис“, која веќе успешно работи и инвестира во Македонија.
Во својата објава, министерот најави и претстојни активности – учество на регионален министерски состанок во Истанбул на покана на турскиот министер за надворешни работи Хакан Фидан, како и присуство на традиционалната Илинденска коњаница во Горно Лисиче, која ќе се одржи во недела.


