БАНКИТЕ ГО НОСАТ ВОЛ СТРИТ НАГОРЕ Добрите резултати и стабилната инфлација го зајакнаа оптимизмот на инвеститорите

Американските акции забележаа позитивна недела, поттикнати од силни квартални резултати на водечките банки и стабилни инфлаторни податоци. Индексот S&P 500 порасна за 0,6% и се задржа блиску до нивото од 6.300 поени, додека технолошкиот Nasdaq скокна за 1,5%, предводен од зголеменото инвеститорско расположение.
Клучната улога ја одиграа најголемите американски банки, кои објавија подобри резултати од очекуваните. Финансиските извештаи ги надминаа намалените прогнози на инвеститорите, а банкарските лидери ја оценија американската економија како „отпорна“, дури и во услови на глобални неизвесности и царински притисоци.
Според аналитичарите, индексот S&P 500 најверојатно ќе забележи квартален раст од 5,7% во вториот квартал, поддржан од стабилните банкарски показатели. Квалитетот на кредитното портфолио остана висок, со пониски од очекуваните загуби, а капиталната адекватност е над регулаторните барања, отворајќи пат за продолжување на програмите за откуп на сопствени акции.
И ETF индексот кој ги следи акциите на најголемите американски банки забележа благ пораст, додека на годишно ниво бележи добивка од 28%, објави српскиот весник Данас.
Овие трендови укажуваат на стабилност на банкарскиот сектор и зголемена доверба кај инвеститорите, особено во контекст на умерената инфлација и силниот корпоративен биланс.


