СОСТОЈБА НА ПАТИШТАТА Прекини, забрани и препораки за возење низ Македонија

На 21 јули 2025 година, повеќе делници низ Македонија ќе бидат погодени од сообраќајни ограничувања поради планирани активности и високите температури кои ги зафатија сите региони на земјата.
Според дневниот извештај на Авто-мото сојузот на Македонија (АМСМ), сообраќајот на државните патишта се одвива по суви коловози, но се бележи зголемен интензитет на движење, особено надвор од урбаните средини. На граничните премини, за сега нема подолги задржувања за влез и излез од земјата.
Денеска, од 10:00 до 15:00 часот, ќе биде затворен сообраќајот на регионалниот пат Куманово – граничен премин Пелинце, на потегот од раскрсницата за село Драгоманце до Меморијалниот центар АСНОМ, поради велосипедска трка.
Паралелно, стапуваат на сила и летните забрани за движење на тешки товарни возила со вкупна маса над 15 тони. Тие се активни:
- во петок од 17:00 до 22:00 часот,
- сабота од 09:00 до 18:00 часот,
- и недела од 09:00 до 22:00 часот.
Дополнително, за време на денови со екстремно високи температури (утврдени од Министерството за здравство), забраната ќе важи и од понеделник до четврток, во периодот од 11:00 до 17:00 часот.
Посебен режим е воведен и на магистралниот пат А2 Скопје – Охрид – Скопје, каде од 1 јули до 1 септември се забранува движење на товарни возила над 7,5 тони во следниве интервали:
- петок од 15:00 до 22:00 часот,
- сабота од 07:00 до 12:00 и од 18:00 до 24:00 часот,
- недела од 07:00 до 22:00 часот.
Ограничувањата не важат за возила кои превезуваат живи животни, цвеќе, хуманитарна помош, жито и леснорасиплива стока, нафта и опасни материи, како и за компании со договори за изведба на патни проекти со ЈП за државни патишта.
АМСМ апелира до сите учесници во сообраќајот да внимаваат на можни одрони, особено на делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево. Се препорачува прилагодување на брзината, строго почитување на поставената сигнализација и внимателно управување со возилата.


