НОВ НАПАД НА ЦИВИЛИ – Израел уби 67 лица кои чекале хуманитарна помош

НОВ НАПАД НА ЦИВИЛИ – Израел уби 67 лица кои чекале хуманитарна помош

Најмалку 67 Палестинци загинале во северна Газа додека чекале на конвој со хуманитарна помош, соопшти Министерството за здравство на територијата под контрола на Хамас, пренесе Би-Би-Си. Инцидентот се случил во неделата кога, според сведоштва, израелските сили отвориле оган врз маса гладни цивили собрани околу конвој на Обединетите нации (ОН).

Светската програма за храна (WFP) на ОН потврди дека нивен конвој од 25 камиони бил опколен од „огромна, очајна толпа“ непосредно по преминување од Израел. Организацијата соопшти дека цивилите биле нападнати „додека се обидувале да стигнат до брашно и основни прехранбени производи“.

Израелските одбранбени сили (ИДФ) изјавија дека испукале „предупредувачки истрели“ поради „непосредна закана“, но ги оспорија бројките за жртви објавени од палестинските извори.

Во градот Газа, болницата „Шифа“ прими голем број повредени и убиени. Медицинскиот директор д-р Хасан ал-Шаер изјави за Би-Би-Си Арабик дека капацитетите се пренатрупани, а надвор од болницата се собрале очајни членови на семејствата на загинатите.

„Целото население умира,“ изјави една жена, а друг очевидец, Касем Абу Хатер, опиша како се обидел да стигне до брашно, но се соочил со хаос и оган: „Снајперистите пукаа како да ловат животни во шума“.

WFP предупредува дека гладот станува епидемичен: „90.000 жени и деца имаат итна потреба од лекување. Речиси едно од три лица не јаде со денови.“

Ова не е изолиран инцидент. Од крајот на мај, речиси секој ден има извештаи за убиени Палестинци додека се обидуваат да стигнат до хуманитарна помош. Во саботата, уште 32 лица беа убиени во слична ситуација во јужна Газа.

Настанот предизвика нов бран осуди и повици за прекин на огнот и гарантирање безбеден пристап до храна и лекови за цивилното население во Газа.

CATEGORIES
Share This