КАМП НОУ СÈ УШТЕ НЕСПРЕМЕН ЗА ВРАЌАЊЕ Барселона го одложува отворањето

Планираниот натпревар со Комо ќе се игра на „Јохан Кројф“, првиот официјален меч на реновираниот стадион се очекува во септември
Фудбалскиот клуб Барселона објави дека враќањето на реновираниот „Камп Ноу“, првично планирано за 10 август, е одложено бидејќи не се исполнети сите неопходни услови за пуштање во употреба. Овој датум требаше да биде одбележан со традиционалниот трофеј „Гампер“, пријателски меч со кој клубот ја отвора сезоната, но истиот ќе се одигра на стадионот „Јохан Кројф“.
Барса информираше дека активно соработува со градските власти и надлежните институции за исполнување на сите технички и безбедносни стандарди, и најави навремено известување за новиот распоред.
Според шпанските медиуми, клубот ќе ги одигра првите три натпревари од новата сезона на гостински терен, а првиот официјален меч на „Камп Ноу“ би можел да биде против Валенсија, на 13 или 14 септември.
Стадионот се реновира веќе две години, а за тоа време Барселона ги играше своите домашни мечеви на Олимпискиот стадион Монжуик. Вкупната вредност на реконструкцијата е проценета на 1,5 милијарди евра. Во првата фаза, капацитетот ќе биде ограничен на околу 60.000 гледачи, додека во летото 2026 се очекува комплетно завршување со полн капацитет од 105.000 седишта.


