ЗАПОЧНА ПИВО ФЕСТ ВО ПРИЛЕП Вечерва настапи на Калабалак, Стојановски, Мрчевска, Џиновиќ…

Синоќа во Прилеп свечено започна годинешното издание на „Пиво Фестивал 2025“ – манифестација што со години важи за еден од најголемите и највесели летни настани во земјава. Илјадници посетители го преплавија центарот на градот, уживајќи во богатата музичка програма, вкусната скара и разноликата понуда на пиво.
Фестивалот започна со енергични настапи на поп ѕвездите Наташа Малинкова и Антонија Гиговска, како и со уникатен концерт на Камерниот оркестар од Битола, кои заедно со Наде Талевска, Андријана Јаневска и Ристо Самарџиев донесоа музичка фузија што публиката ја награди со громогласен аплауз.
На 15 штандови поставени низ центарот на градот се нуди голем избор на пиво – од домашни до увозни брендови – како и традиционална скара, што дополнително го збогатува гастрономското доживување на фестивалот.
Вечерва фестивалската сцена ќе ја запалат Јана Мрческа, групата Калабалак и Дамјан Стојановски, а кулминацијата на вечерта ќе биде настапот на балканската музичка легенда Харис Џиновиќ, кој се очекува да привлече илјадници фанови од целата држава и регионот.
„Пиво Фест 2025“ продолжува и во наредните вечери, а организаторите најавуваат незаборавна атмосфера, богата програма и добра забава за сите генерации.


