ПРЕДМЕТОТ КОЧАНИ ОСТАНУВА ОБЕДИНЕТ – Дивоградбите под истрага, обвинителството без доволно пари и кадар

Коцевски информираше за повеќе тековни постапки, вклучувајќи ги и оние поврзани со дивоградбите, како и за истрагата за пожарот во дискотеката во Кочани.

ПРЕДМЕТОТ КОЧАНИ ОСТАНУВА ОБЕДИНЕТ – Дивоградбите под истрага, обвинителството без доволно пари и кадар
Фото: Национал

Државниот јавен обвинител Љупчо Коцевски изјави дека не постои политичко влијание врз неговата работа, оценувајќи го извештајот на Европската комисија за правосудството како реален и објективен. Тој посочи на напредок во транспарентноста и во борбата против високата корупција, но укажа и на сериозни предизвици како недоволниот буџет и недостатокот од кадар во Обвинителството.

Коцевски информираше за повеќе тековни постапки, вклучувајќи ги и оние поврзани со дивоградбите, како и за истрагата за пожарот во дискотеката во Кочани. Потврди дека обвинителството постапува согласно законските надлежности.

Во однос на оценките на Европската комисија, тој истакна:

„Комисијата правилно ги процени состојбите. Се зголеми транспарентноста, а предметите за висока корупција добија приоритет, како што беше и ветено. Имаме конкретни резултати. Комисијата со право укажа на недоволниот буџет за Обвинителството, што е реален проблем. Но, можам одговорно да кажам дека немам почувствувано политички притисок од ниту еден политичар во однос на конкретни предмети.“

Коцевски информираше дека постапките за дивоградбите во Чаир и други делови од државата се во различни фази – предистраги и истраги. Без да наведе точни бројки, потврди дека се работи на неколку случаи. Спомна дека судот неодамна по жалба на обвинителството одредил притвор за осомничен во еден од случаите, и дека новите кривични пријави, вклучително и таа што ја поднела градоначалничката, ќе бидат процесирани соодветно и навремено.

Во врска со предметот за пожарот во дискотеката во Кочани, рече дека најверојатно нема да дојде до раздвојување на постапката:

„Обвинителството ја разгледуваше можноста за раздвојување, но поради природата на кривично-правниот настан и комплексноста на доказите, веројатно ќе остане како единствен предмет. Имајќи искуство и со случаи со повеќе од 30 обвинети, сметаме дека бројката овде не претставува пречка.“

Дополнително, тој најави дека до почетокот на септември се очекува завршување на истрагата во делот што се однесува на полициски службеници – предмет што се води во рамки на обвинителството за организиран криминал.

CATEGORIES
Share This