МЕНТАЛНОТО ЗДРАВЈЕ НА МЛАДИТЕ ВО КРИЗА – 53% од девојчињата и 19% од момчињата чувствуваат депресија
Организацијата најави континуирани активности за унапредување на менталното здравје, спречување на насилството, како и јакнење на соработката со локалните заедници и институции.

Асоцијацијата за здравствена едукација и истражување – ХЕРА предупредува на загрижувачки податоци за менталното здравје кај младите. Според студијата HBSC, дури 53% од девојчињата и 19% од момчињата на возраст од 15 години искусуваат симптоми на депресија.
Главните причини, според анализите, се врсничко насилство, социјална исклученост, онлајн малтретирање, како и други психосоцијални притисоци кои младите сè потешко ги совладуваат.
„Врсничкото насилство остава длабоки последици врз менталното здравје на децата и адолесцентите. Се среќаваме со сè повеќе случаи на анксиозност, депресија и изолираност. Менталното здравје не е луксуз – тоа е основно право на секое дете. Апелираме: молкот не е решение – зборувајте и побарајте помош,“ велат од ХЕРА.
Како одговор на зголемената потреба, ХЕРА во соработка со Општина Центар овозможува бесплатни услуги за психосоцијална поддршка, кои вклучуваат професионално советување за ментално здравје, превенција и заштита од врсничко и семејно насилство и поддршка за ученици, родители и наставници. Услугите се достапни секој работен ден со претходно закажување.
Во чест на 25-годишнината од основањето, ХЕРА постави мурал на ѕидот на ООУ „Кочо Рацин“ во Центар, дело на уметникот Ненад Тонкин. Муралот ја пренесува пораката за солидарност, охрабрување и борба против насилството, и содржи контакт телефон за психосоцијална помош.
Психотерапевтката Ана Попризова посочува дека многу училишта немаат доволно капацитет за да понудат терапевтска поддршка. Затоа, советувалиштата на ХЕРА се од клучно значење.
„Нашата цел е да создадеме безбедна и поддржувачка средина каде младите ќе можат да ги развијат своите потенцијали,“ изјави и директорката на училиштето, Гордана Јаневска.
Организацијата најави континуирани активности за унапредување на менталното здравје, спречување на насилството, како и јакнење на соработката со локалните заедници и институции.


