ОПШТИНИТЕ ПОД ЛУПА – МВР влегува со сомнежи за дивоградби
Одделот за организиран криминал вчера влегол во просториите на Општина Чаир, која е под раководство на градоначалникот Висар Ганиу, за да прибере докази поврзани со потенцијални дивоградби

Министерот за внатрешни работи, Панчо Тошковски, денеска потврди дека Министерството активно проверува сомнителни бесправни градби во неколку скопски општини, вклучително и Чаир и Сарај.
Одделот за организиран криминал вчера влегол во просториите на Општина Чаир, која е под раководство на градоначалникот Висар Ганиу, за да прибере докази поврзани со потенцијални дивоградби. Слични активности се спроведени и во Општина Сарај.
„Полициски службеници вчера беа и во Општина Аеродром, а според информациите со кои располагам, денеска или утре ќе се постапува и во рамки на Општина Кисела Вода“, изјави министерот Тошковски, додавајќи дека станува збор за тековни истражни активности и дека во овој момент не може да сподели конкретни информации или документи.
Тој посочи дека, доколку се утврди постоење на бесправни градби, институциите ќе постапат согласно законските одредби, што подразбира нивно отстранување.
„Секојдневно се постапува“, истакна министерот.


