ХРВАТСКА ГО ВРАЌА ВОЕНИОТ РОК – обуката стартува на 1 јануари 2026 година

Хрватска од почетокот на 2026 година повторно ќе воведе задолжителен воен рок, по речиси две децении пауза. Според најавените измени на Законот за одбрана и Законот за служба во вооружените сили, воениот рок ќе започне да се применува од 1 јануари 2026 година, а предлогот веќе е во собраниска процедура.
„Од 2008 година, воениот рок беше суспендиран. Сега, со внимателно прилагодена обука, сакаме на младите генерации да им овозможиме да стекнат вештини кои недостигаа цели 17–18 генерации. Ова ќе ја засили и оперативната подготвеност на Хрватската војска“, изјави премиерот Андреј Пленковиќ.
Обуката ќе трае два месеци и ќе се изведува во касарните во Книн, Слуњ и Пожега. Регрутите ќе добиваат месечен надомест од 1.100 евра, при што трошоците за храна, превоз и одмор ќе бидат целосно покриени. Периодот ќе се признава како работен стаж, а за вработените регрути ќе важи законска заштита од отказ за време на служењето.
Секој хрватски државјанин ќе се заведува во воена евиденција со навршување 18 години, а повикот за обука ќе следи во текот на годината кога лицето ќе полни 19. Горната граница за регрутација ќе биде 30 години. Повиканите ќе мора задолжително да се јават на лекарски преглед – во спротивно, следува принудно приведување од страна на полицијата и казна од 250 до 1.320 евра.
За оние кои поради лични или верски убедувања одбиваат воена служба, се предвидува цивилна алтернатива – преку Цивилната заштита при МВР или преку јавни комунални претпријатија. Обуката во Цивилната заштита ќе трае три месеци, а работата во комуналните служби четири месеци, со полно работно време – осум часа дневно, пет дена во неделата.
Ова е првпат по 2008 година Хрватска повторно да воведе задолжителна служба, а целта, според Владата, е да се зајакне одбранбената способност на земјата и да се поттикне генерациска одговорност и граѓанска солидарност.


