ПРЕКИН НА СООБРАЌАЈОТ КОН БЛАЦЕ – МВР апелира граѓаните да не патуваат кон граничниот премин

Министерството за внатрешни работи (МВР) упати итен апел до граѓаните да не тргнуваат кон граничниот премин „Блаце“, откако пожарот во близина повторно се разгоре, а сообраќајот од Скопје до преминот е целосно во прекин во двата правци. Затворен е и самиот граничен премин, додека траат напорите за гаснење на пожарот и стабилизирање на состојбата.
Од МВР истакнаа дека движењето кон овој дел на границата е небезбедно и дека јавноста ќе биде навремено информирана кога ќе биде воспоставен нормален режим на сообраќај.
Според податоците од Центарот за управување со кризи (ЦУК), до 13 часот, еден од активните пожари е токму оној меѓу селата Блаце и Чучер во општина Чучер Сандево, каде што гори мешана шума и ниска вегетација. Вкупно се регистрирани десет активни пожари на отворен простор низ земјата.
Надлежните служби се на терен, а јавноста се повикува на внимателност, со следење на официјалните информации од институциите.

