ИРАН СЕ ОДВРТЕ ОД РУСИЈА – Купува кинески системи за воздушна одбрана по неуспехот на „С-300“

Иран започна да купува кинески системи за воздушна одбрана, откако руските „С-300“ се покажаа неефикасни за време на неодамнешната 12-дневна војна со Израел. Според информации до кои дошол Middle East Eye, трансферот на нови ракети земја-воздух од Кина се случил веднаш по прекинот на огнот на 24 јуни. Извори блиски до арапските разузнавачки служби наведуваат дека Пекинг ги продал системите за нафта, а за трансакцијата бил информиран и Вашингтон преку сојузничките држави во регионот.
Иако не е прецизирано колку системи се набавени или за кој модел се работи, извесно е дека потегот претставува значаен стратегиски пресврт за Техеран. Долгогодишниот ослонец на руските „С-300ПМУ-1“, набавени во 2016 година, се покажа како слаб заштитен слој за нуклеарните и воените капацитети. Во нападите на израелските „Ф-35“, „Ф-16“ и „Ф-15“ беа погодени клучни ирански објекти, и тоа дури и по влегувањето на авионите во зоната на пресретнување на системите. Според ирански воени извори, само една база успеала да реагира, додека останатите останале без комуникација и координација – последица на масовен кибер напад за кој се претпоставува дека го извела израелската војска, парализирајќи ги радиоврските, мобилните мрежи и командните системи.
Поради овие безбедносни пропусти, Иран изгуби речиси 30% од своите борбени авиони, соопшти иранската новинска агенција Тасним. Според проценките на „Милитар баланс“, земјата пред конфликтот располагала со околу 150 борбени летала, најчесто застарени американски модели од пред Исламската револуција.
Како дел од промената во одбранбената стратегија, Техеран исто така се откажа од набавка на руските „Су-35“, префрлувајќи го фокусот кон кинеските „Ченгду“ J-10C, што дополнително ја нагласува растечката воено-технолошка соработка со Пекинг. Покрај тоа, Иран поседува и домашно развиени противвоздушни системи, како „Бавар-373“ и „Хордад“, а уште во 2010 година постоеја извештаи дека Техеран тајно добил и кинески системи HQ-9.
И покрај тврдењата на руското Министерство за одбрана дека „С-300“ е способен да пресретнува авиони, дронови и балистички ракети, во практиката овој систем не ја исполни задачата за заштита на стратешките цели. Особено симболичен беше моментот кога израелска ракета успеа да уништи еден од „С-300“ системите во базата Исфахан, уште во април 2024 година.
Новата ориентација на Иран кон кинеска технологија претставува не само воен избор, туку и геополитички сигнал за промена на партнерствата во регионот, во време кога тензиите со Израел и Западот се далеку од смирување.


