ОБИД ЗА НАМЕРНО ПАЛЕЊЕ ВО БЛАЦЕ – Пронајдени запалени палети во смреки
Биле откриени запалени палети, најверојатно полиени со бензин и фрлени во смрекова шума, со што некој се обидел да го реактивира веќе ставениот под контрола пожар

Директорот на Дирекцијата за заштита и спасување, Стојанче Ангелов, утрово изјави дека пожарникарите пронашле докази за намерно палење во реонот на Блаце. Според него, биле откриени запалени палети, најверојатно полиени со бензин и фрлени во смрекова шума, со што некој се обидел да го реактивира веќе ставениот под контрола пожар.
„Некој утрово се обидуваше повторно да го запали пожарот. Апелирам до сите граѓани, доколку забележат лица кои носат или држат палети, веднаш да пријават на 112“, изјави Ангелов.
Тој воедно ги демантираше информациите за наводно изгорени куќи или загрозени верски објекти во Чучер Сандево.
„Не е точно дека има изгорени куќи или дека манастири биле во опасност. Не дозволивме домовите да бидат загрозени“, рече директорот.
Истрагата за можниот подметнат пожар продолжува.


