ВЕШТАЧКАТА ИНТЕЛИГЕНЦИЈА ПРЕДИЗВИКУВА ЕНЕРГЕТСКА ТРЕВОГА: Голем раст на потрошувачката на струја
Вештачката интелигенција го обликува иднината, но и ги тестира границите на енергетската одржливост.

Развојот на вештачката интелигенција, особено на генеративните ВИ-системи, носи нов глобален предизвик — драматично зголемување на потрошувачката на електрична енергија. Според Hitachi Energy, водечки играч во енергетската инфраструктура, оваа појава може да доведе до преоптоварување и прекини во електромрежите ширум светот.
Центрите за обработка на податоци, клучни за функционирање на ВИ-моделите, бараат огромни количини струја, со чести и ненадејни скокови во побарувачката. Тоа ги отежнува прогнозите и управувањето со системите за дистрибуција на енергија.
Прогнозите се особено загрижувачки: во САД, се очекува до 2028 година дури 12% од вкупната електрична енергија да биде насочена кон дата-центри, наспроти 4,4% во 2023. Слични трендови се појавуваат и во Индија и Европа.
Во обид да се справат со предизвикот, многу земји започнаа инвестиции во модернизација на своите енергетски системи, вклучително и поставување нови трансформатори и примена на напредни технологии за управување со енергетски пикови.


