РЕКОРДНИ ПРИХОДИ ОД ПАТАРИНИТЕ Во првото полугодие со над 30 милиони евра
Сериозен раст е забележан и кај употребата на електронскиот систем за наплата – М-картичката и М-тагот.

Во првите шест месеци од годинава, Јавното претпријатие за државни патишта (ЈПДП) инкасирало над 1,9 милијарди денари (околу 30,89 милиони евра) од наплата на патарини, што претставува зголемување од 78 милиони денари во однос на истиот период лани.
Директорот на ЈПДП, Коце Трајановски, за МИА изјави дека приходите бележат континуиран раст, а стапката на наплата достигнала 99,6 проценти – што значи дека речиси сите возачи ја плаќаат патарината.
Сериозен раст е забележан и кај употребата на електронскиот систем за наплата – М-картичката и М-тагот. Овие системи дополнително ќе добијат на популарност со новата можност за надополнување на сметките преку широка мрежа на малопродажни објекти низ земјата. ЈПДП наскоро ќе распише јавен повик за избор на оператор за оваа услуга.
Во рамки на иницијативата „Отворен Балкан“, досега се регистрирани 5.077 македонски и 8.500 српски таг-уреди, што, според Трајановски, значително го олеснува регионалниот сообраќај и претставува чекор напред кон поголема дигитализација и мобилност во транспортниот сектор.


