ПУКНА ФРОНТОТ ВО СТРУМИЦА Костадинов си оди од СДСМ
Тој најави дека ќе ја соопшти својата конечна политичка определба во два дела - првиот во септември, а вториот по локалните избори. До тогаш, како што рече, им посакува успех на своите поранешни сопартијци

Градоначалникот на Струмица, Костадин Костадинов, објави дека од денеска го замрзнува своето членство во СДСМ. Одлуката следи откако на 20 јуни лидерот на партијата, Венко Филипче, ја објави првата група на кандидати за градоначалници за претстојните локални избори, без да го вклучи Костадинов меѓу нив.
„Мојата партиска припадност од денес е замрзната во СДСМ. Не со ова раководство, не додека СДСМ не се врати таму каде што ѝ е местото – најмалку каде што е сега“, напиша Костадинов доцна вечерва на својата фејсбук-страница.
Тој нагласи дека не се повлекува од политиката, но смета дека во моменталната политичка клима, неговата кандидатура, од која било партија, би била „бесмислена“. „Не затоа што се плашам од пораз – не знам што значи да изгубиш избори туку затоа што нема вистинска понуда за градот. Нема суштинска дебата, нема нова визија, нема предизвик“, изјави тој.
Костадинов, кој беше в.д. градоначалник на Струмица во 2017 година по изборот на Зоран Заев за пратеник, потоа стана пратеник, а на локалните избори во 2021 година беше избран за градоначалник.
Во објавата на социјалните мрежи, Костадинов најави дека во наредните месеци ќе работи на создавање нова форма на интерпартиско делување, која ќе биде претставена по завршувањето на изборите.
„Тоа ќе биде целосно прецизна стратегија – доволно мотивирачка за да обедини авторитети што ѝ недостигаат на СДСМ, тешка за да биде непривлечна за политичките авантуристи и доволно забавна за младите да се пронајдат во неа“, вели Костадинов.
Тој најави дека ќе ја соопшти својата конечна политичка определба во два дела – првиот во септември, а вториот по локалните избори. До тогаш, како што рече, им посакува успех на своите поранешни сопартијци:
„Посакувам СДСМ да победи барем во една општина.“


