ЏЕЗ СПЕКТАКЛ ВО МНТ: Дони МекКаслин и Националниот џез оркестар на 14 јули
МекКаслин е познат по соработката со Дејвид Боуви на неговиот последен албум Blackstar, каде што играше клучна улога во креирањето на иновативниот и експериментален звук.

Љубителите на џезот ќе имаат ретка можност да присуствуваат на извонреден музички настан на 14 јули 2025 година, со почеток во 21:00 часот, во Македонскиот народен театар (МНТ). Ќе настапи прочуениот американски саксофонист и композитор Дони МекКаслин, заедно со Националниот џез оркестар, под диригентската палка на маестро Владимир Николов.
МекКаслин е познат по соработката со Дејвид Боуви на неговиот последен албум Blackstar, каде што играше клучна улога во креирањето на иновативниот и експериментален звук. Оттогаш, тој ја продолжува својата мисија да ги редефинира жанровските граници, комбинирајќи елементи од електроника, арт-рок и џез импровизација. Албумите Blow. (2018) и I Want More (2023) се сведоштво за неговиот уникатен музички јазик.
Како што забележа New York Times: „Сè започна со синтисајзер што пулсира во слободен ритам, за потоа да премине во тенор-соло што звучеше и како бура и како молитва.“
Билетите се достапни преку MKTickets (онлајн и во продажните места), како и на денот на настанот на билетарницата на МНТ. Овој концерт ветува вечер полна со виртуозност, емоција и авангарден џез звук.


