ЖЕСТОКА РЕАКЦИЈА ОД ВРЕДИ Никогаш нема да се заборави предавството на ДУИ за пописот

ЖЕСТОКА РЕАКЦИЈА ОД ВРЕДИ Никогаш нема да се заборави предавството на ДУИ за пописот
Фото: Принтскрин

Коалицијата ВЛЕН остро го критикува пописот на населението од 2021 година, оценувајќи го како едно од најголемите институционални предавства врз Албанците во Северна Македонија.

„Тоа не беше статистички, туку политички процес, насочен кон бришење на Албанците од статистиките и нивно исклучување од процесите на одлучување“, изјави Блерим Сејдиу.

Коалицијата Вреди жестоко реагираше и на молкот на Демократската унија за интеграција (ДУИ), откако Уставниот суд ја прогласи за неуставна поделбата на населението во пописот од 2021 година на „резиденти“ и „нерезиденти“.

„Кој ја донесе одлуката албанската дијаспора да биде избришана од пописот на населението во 2021 година? По која цена беа продадени Албанците во овие валкани зделки?“, прашуваат од коалицијата, најавувајќи дека ќе бараат кривична одговорност за сите инволвирани во измислувањето на категоријата „нерезиденти“, со која како што велат без правна основа била исклучена дијаспората од официјалните статистички податоци.

Од Вреди нагласуваат дека воопшто не било разговарано за нов попис пред да настапи редовниот рок, и оти идниот попис мора да се темели на „длабинска анализа и политички консензус“. Според нив, тој попис треба да ја исправи, како што велат, „измамата организирана од СДСМ и ДУИ“, и да обезбеди праведен и инклузивен процес.

„Вреди останува цврсто на страната на албанската дијаспора, која со децении претставува главен столб на економскиот, социјалниот и националниот опстанок на Албанците во Северна Македонија. Тие не се ‘нерезиденти’, туку неразделен дел од нашата нација и директни придонесувачи за развојот на државата“, се наведува во реакцијата.

Од коалицијата посочуваат дека „предавството што ДУИ го изврши врз дијаспората никогаш нема да се заборави“, но додаваат дека одлуката на Уставниот суд претставува чекор кон враќање на достоинството на Албанците.

„Ова е победа за вистината и за правдата. Албанската дијаспора била и ќе остане легитимен дел од националниот процес на донесување одлуки. Вреди секогаш ќе биде на нејзина страна“, порачаа од коалицијата.

Сејдиу посочи дека со согласност од ДУИ и техничка реализација од СДСМ, Албанците биле вештачки поделени на „резиденти“ и „нерезиденти“, со што илјадници иселени Албанци биле исклучени од пописот. Тој ја поздрави одлуката на Уставниот суд за укинување на таа одредба, нарекувајќи ја „победа на вистината“.

CATEGORIES
Share This