ИЗЛОЖБА НА АЛТЕРНАТИВНИ ФОТОГРАФИИ ВО МАЛА СТАНИЦА изложбата се отвора во рамки на фестивалот „Зрно 2025“

Оваа година фестивалот се одржува под мотото „ФотоСинтеза!“, а претставува единствена платформа во регионот посветена на некомерцијални, експериментални и авторски фотографски практики.

ИЗЛОЖБА НА АЛТЕРНАТИВНИ ФОТОГРАФИИ ВО МАЛА СТАНИЦА изложбата се отвора во рамки на фестивалот „Зрно 2025“

Вечерва, во Мултимедијалниот центар „Мала Станица“ во Скопје, ќе биде отворена изложба на алтернативна фотографија, дел од четвртото издание на фестивалот „Зрно – фестивал на алтернативна фотографија“. Оваа година фестивалот се одржува под мотото „ФотоСинтеза!“, а претставува единствена платформа во регионот посветена на некомерцијални, експериментални и авторски фотографски практики.

Изложбата вклучува дела избрани преку меѓународен јавен повик, селектирани од стручно осумчлено меѓународно жири. Според организаторите, избраните автори доаѓаат од различни земји низ светот, прикажувајќи иновативни и креативни пристапи кои ја рефлектираат современата сцена на алтернативната и експериментална фотографија.

„Фотографиите се полни со авторски печат и визуелна експресија што излегува надвор од рамките на традиционалната фотографија. Фестивалот ‘Зрно’ има за цел да го негува и промовира експериментирањето во визуелната уметност и да создаде простор за нови перспективи“, велат од тимот на фестивалот.

Фестивалот „Зрно 2025“ е делумно поддржан од Министерството за култура на Република Северна Македонија. Изложбата во „Мала Станица“ ќе биде отворена за јавноста во наредните денови, со цел да се приближи современата фотографија до пошироката публика.

CATEGORIES
Share This