БЕЗ ГУЖВИ И ЧЕКАЊЕ Нов систем за побрзо минување на границата со Србија

Тој појасни дека системот е дизајниран така што секоја држава ќе го контролира сопствениот влез, но ќе се овозможи брза и ефикасна размена на информации меѓу службите од двете страни.

БЕЗ ГУЖВИ И ЧЕКАЊЕ Нов систем за побрзо минување на границата со Србија
Фото: Принтскрин

Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски денеска најави дека од 5 јули официјално ќе биде пуштен во употреба системот за заедничка гранична контрола „уан стоп шоп“ меѓу Северна Македонија и Србија. Според него, договорот за оваа иницијатива, кој претходно беше потпишан со српскиот министер за внатрешни работи Ивица Дачиќ, веќе ја поминал и последната фаза на ратификација, а во моментов се врши тестирање на системот.

„Очекувам на 5 јули да го пуштиме во функција новиот систем со Србија. Со неговото правилно користење ќе се постигне значително побрз проток на патници преку границата, особено на најфреквентниот премин меѓу двете земји“, изјави Тошковски при посетата на Комисијата за спречување и заштита од дискриминација.

Тој појасни дека системот е дизајниран така што секоја држава ќе го контролира сопствениот влез, но ќе се овозможи брза и ефикасна размена на информации меѓу службите од двете страни. Сличен систем веќе функционира на граничните премини со Косово.

„Преку овој модел, ние го контролираме македонскиот влез, а српската полиција својот. Информациите се споделуваат во реално време. Слична практика веќе успешно ја спроведуваме и со Косово – системот таму функционира на двата гранични премини и веќе се гледаат резултати, бидејќи гужвите се значително намалени“, додаде министерот.

Тошковски истакна дека модерната дигитална комуникација помеѓу службите овозможува побрза и поефикасна проверка на патниците, што претставува голем исчекор во модернизацијата на граничната контрола.

Покрај Србија и Косово, Северна Македонија планира сличен систем да воспостави и со Албанија. Во моментов, како што рече Тошковски, се водат интензивни разговори со албанските власти, а се работи и на усогласување на правните акти во македонското и албанското собрание.

„Целта ни е до крајот на летниот период да започнеме тест фаза и со Албанија. Со тоа би се заокружила имплементацијата на системот за заедничка гранична контрола со трите соседни држави што не се членки на Европската Унија“, нагласи министерот.

CATEGORIES
Share This