МУЗИКИ СПЕКТАКЛ НА СИМОН ТРПЧЕСКИ Скопје ќе биде сведок на 25-годишнината од уметничката кариера на еден од најголемите амбасадори на македонската култура во светот
Публиката ја очекува вечер на пиетет, восхит и гордост – со уметник кој останува верен на своето македонско музичко наследство, претворајќи го во светски јазик на емоции и инспирација.

Главниот град ќе биде домаќин на незаборавен музички настан по повод 25-годишнината од кариерата на пијанистот Симон Трпчески, еден од највлијателните амбасадори на македонската култура во светот. Настанот ќе се одржи во организација на „Прагма продукција“, во соработка со Националната опера и балет, под диригентската палка на маестро Сашо Татарчевски.
Трпчески, заедно со својот квинтет „Македонисимо“ и специјални гости, ќе приреди вечер исполнета со уметност, емоција и автентична македонска музика, која ќе ги надмине жанровските и географските граници. Концертот ќе претставува кулминација на неговата досегашна кариера, обележана со настапи на најпрестижните сцени во светот и соработки со водечки оркестри.
По спектакуларниот настап во арената „Борис Трајковски“ минатата година, кој беше распродаден до последно место, Трпчески се враќа пред домашната публика со концерт што симболично ќе го одбележи неговиот пат од млад талент до уметник со глобално влијание.
Настанот не е само концерт, туку празник на музиката, културата и личната визија, а билетите веќе се пуштени во продажба преку мрежата на kupikarta.com, Розе Веро 2, ЈК Травел во Бисер и ЈК Травел Дајмонд.


