КАМПАЊА НА ВЛАДАТА „КУПУВАЈ ДОМАШНО“ поттик за македонското земјоделство
Граѓаните ќе можат да купуваат домашни земјоделски производи во маркетите, а секој производ кој е произведен во Македонија или е увезен од надвор ќе биде обележан.

Владата и Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство ја започнаа новата кампања „Купувај домашно“, со која се промовира консумирање на македонски земјоделски производи. Целта е да се стимулира домашната економија и да се зголеми побарувачката за локално произведена храна.
„Преку оваа иницијатива, сакаме да ги поттикнеме граѓаните да купуваат домашни производи, со што директно ќе го поддржат трудот на македонските земјоделци и ќе придонесат кон земјоделска независност на државата“, велат од Владата.
Во маркетите, секој производ ќе биде јасно обележан – дали е од домашно потекло или увезен. На тој начин, граѓаните ќе можат свесно да одлучуваат што купуваат. Според Владата, зголемената побарувачка ќе ги врати земјоделците на нивите и ќе придонесе за развој на руралните средини и економски раст.


