ПРЕСУДА ЗА УБИСТВАТА НА ВАЊА И ПАНЧЕ Судот ја соопштува одлуката за монструозниот случај
Судот денеска треба да ја донесе одлуката за случајот кој ја потресе цела држава.

Денеска, Основниот кривичен суд Скопје треба да ја соопшти пресудата за убиствата на 14-годишната Вања Ѓорчевска и велешанецот Панче Жежовски, за кои се обвинети Љупчо Палевски, Велибор Манев, Боре Видевски, Влатко Кешишев и таткото на девојчето, Александар Ѓорчевски.
Обвинителството ги товари обвинетите за киднапирање на Вања со цел уцена и за убиството на Жежовски, од кого наводно било одземено возило употребено при грабнувањето. Според обвинението, Палевски бил организаторот, а останатите членови активно учествувале во подготовката и извршувањето на делата.
Четворица обвинети ги негираа обвиненијата и побараа ослободителна пресуда. Нивните адвокати тврдат дека признанијата се изнудени, истрагата е водена во погрешен правец, а доказите се недоволни. Бранителот на Александар Ѓорчевски тврдеше дека тој е жртва, а не соучесник, и оти како родител соработувал со истрагата.
Обвинителството, пак, побара доживотен затвор за Палевски, Манев, Видевски и Кешишев, а соодветна казна за таткото на Вања, нагласувајќи дека нивните постапки ја шокирале јавноста и оставиле длабоки последици.
На крајот од судењето, Палевски се обиде да ги префрли вината на другите, Манев откри детали за криено оружје, Видевски молчеше, а Кешишев изрази каење.


