ОБВИНЕТИОТ МАНЕВ ВЧЕРА ОТКРИ ИМЕ Уапсениот Зоран Д. сѐ уште се наоѓа во полициска станица
Случајот повторно ја разгори јавноста, која веќе подолг период бара одговори - особено зошто оружјето сè уште не е пронајдено, иако обвинетиот тврди дека ги знае клучните детали.

Зоран Д., вработен во Народната банка, сè уште се наоѓа во полициска станица по вчерашното апсење, извршено врз основа на сведочењето на Велибор Манев, второобвинет во случајот за убиствата на Вања Ѓорчевска и Панче Жежовски. Манев тврдеше дека Зоран го зел и уништил ранецот во кој се наоѓал пиштолот со кој била извршена ликвидацијата.
Засега, исказот на Зоран Д. пред истражните органи не е објавен, а од Обвинителството информираат дека повеќе детали за понатамошниот тек на истрагата ќе бидат соопштени во текот на денот.
Оваа разврска следи по шокантното сведочење на Манев, кој на неколку рочишта тврдеше дека знае кој ја добил задачата да го скрие оружјето. И покрај овие наводи, Обвинителството не го спроведе Манев на распит со месеци, што отвори сериозни прашања за ефикасноста на истражната постапка.
Апсењето на Зоран Д. доаѓа откако Манев го посочи по име како лице што го презело и уништило доказниот материјал. Случајот повторно ја разгори јавноста, која веќе подолг период бара одговори – особено зошто оружјето сè уште не е пронајдено, иако обвинетиот тврди дека ги знае клучните детали.


