КФМ СО ИНИЦИЈАТИВА ЗА ПРОМЕНА НА ИМЕТО цел е елиминирање на придавката „Северна“

Новото раководство на Кошаркарската федерација на Македонија (КФМ), предводено од претседателот Томица Главчев, на вчерашниот состанок на Управниот одбор (УО) покрена иницијатива за промена на името на федерацијата, со што во фокусот повторно се враќа дебатата за придавката „Северна“ во официјалното име на организацијата.
Иако официјално не беше дадено образложение за иницијативата, од кругови блиски до федерацијата порачуваат дека целта е „елиминирање на додавката ‘Северна’“, која во минатото предизвика бурни реакции и поделеност во спортските кругови. Името „Кошаркарска федерација на Северна Македонија“ беше формално усвоено на Собранието на кое Перо Антиќ беше избран за претседател, пред шест години.
Новото раководство предлага враќање на стариот назив „Македонска кошаркарска федерација (МКФ)“, или алтернативно, „Национална кошаркарска федерација“ – имиња кои според управниот одбор подобро ја отсликуваат спортската и националната традиција, без политички контексти.
Иницијативата доби широка поддршка од членовите на УО, а постапката за евентуална промена на името ќе продолжи согласно процедурите, вклучително и консултација со државните институции и меѓународните кошаркарски тела како ФИБА.


