ЗАКОНОТ ЗА ПРАВИЧНА ЗАСТАПЕНОСТ НАЈДОЦНА ДО 24 ЈУНИ НА ВЛАДА Следува итна постапка пред Венецијанската комисија
Премиерот ги отфрли обвинувањата од опозицијата за наводни партиски и етнички вработувања во институциите, нагласувајќи дека државата функционира како мултиетничко општество во кое сите граѓани имаат еднакви можности.

Законот за правична застапеност е финализиран и најдоцна до 24 јуни ќе биде разгледан на седница на Владата, по што ќе биде испратен на мислење до Венецијанската комисија со барање за итна постапка, изјави премиерот Христијан Мицкоски во вечерашното гостување на Алсат.
„Очекувам на една од наредните седници на Владата, најдоцна до 24 јуни, законот да помине. Потоа ќе го испратиме до Венецијанската комисија и ќе бараме да постапат по него итно. Доколку е сè во ред, ќе го поднесеме во Парламентот за да се донесе без одлагање“, нагласи Мицкоски.
Со ова, според него, ќе се спречи политичката злоупотреба и етничка поларизација која, како што рече, некои политички субјекти се обидуваат да ја наметнат.
Премиерот ги отфрли обвинувањата од опозицијата за наводни партиски и етнички вработувања во институциите, нагласувајќи дека државата функционира како мултиетничко општество во кое сите граѓани имаат еднакви можности.
„Не постојат Македонци, Албанци, Турци, Срби, Власи, Роми или Бошњаци – постојат граѓани на Македонија. Институциите вработуваат согласно сопствените потреби – некаде повеќе Албанци, некаде повеќе Македонци или други. Вработувањето не е партиско или етничко, туку функционално“, рече Мицкоски.
Тој ја критикуваше и албанската и македонската опозиција за, како што рече, постојано наметнување етнички и партиски теми без конкретни резултати.
„Кажете ми еден проект што тие или нивните градоначалници го реализирале. Нема. Затоа се враќаат на теми кои делат. Оваа влада инвестира рамномерно во сите општини, без оглед на етничката структура или партиската припадност на градоначалникот“, додаде тој.
Во врска со случајот со трагедијата во Кочани и наводното бегство на Артан Груби, премиерот истакна дека потерницата е веќе испратена, а властите имаат информации дека тој се наоѓа во регионот.
„Потерницата за Артан Груби е испратена. Кукавички избега. Имаме индиции дека се наоѓа во регионот. Политички имам право да коментирам, но нема да навлегувам во материјална расправа“, рече Мицкоски, не прецизирајќи дополнителни детали.


