30 ДЕНА ПРИТВОР ЗА АЛЕКСАНДАР НАЦЕВ – ОЈО го сомничи за тешки дела против безбедноста
Нацев, заедно со уште двајца претходно осомничени - управителот на агенцијата и овластеното лице од подружницата во Кочани, е обвинет за тешки дела против општата сигурност, по член 292 во врска со член 288 од Кривичниот законик.

Александар Нацев, тајниот сопственик на агенцијата за обезбедување „Рубикон“, која ја обезбедувала дискотеката „Пулс“ во Кочани, доби мерка притвор во траење од 30 дена – дознава Национал од судски извори.
Национал вчера објави дека по судска наредба, биле извршени претреси на две локации во Скопје и Пробиштип, како и во возило сопственост на осомничениот Нацев . Притоа биле запленети електронски уреди и обемна документација поврзана со агенцијата. Осомничениот е лишен од слобода, а јавниот обвинител најави дека ќе побара притвор.
Нацев, заедно со уште двајца претходно осомничени – управителот на агенцијата и овластеното лице од подружницата во Кочани, е обвинет за тешки дела против општата сигурност, по член 292 во врска со член 288 од Кривичниот законик.
Обвинителството посочува дека осомничените, иако немале склучено формален договор со дискотеката, во текот на 2025 година извршувале обезбедување во објектот. Притоа, работеле без изготвен план за безбедност, без извршена проценка за ризик и без проверка на условите за противпожарна заштита. Особено се посочува дека за време на кобната вечер:
-
Бил овозможен влез на деца во објектот;
-
Не била контролиранa бројноста на посетителите;
-
Не било спречено внесување на пиротехнички средства од страна на музичката група, што довело до пожарот.
Како резултат на овие пропусти, според Обвинителството, настанала трагедијата со 62 загинати, 157 лица со тешки телесни повреди и 54 со полесни повреди.
Нацев, познат како поранешен директор на Дирекцијата за безбедност на класифицирани информации во времето на владеењето на Никола Груевски, е и актуелен професор на Факултетот за детективи и криминалистика при Европскиот универзитет во Скопје и член на ВМРО-ДПМНЕ. Обвинителството го товари за „тешки дела против општата сигурност“, а според информациите, се сомничи дека континуирано и активно раководел со оперативните планови и начинот на работење на агенцијата „Рубикон“.
На денот на трагичниот инцидент во дискотеката „Пулс“, Нацев преку објава на „Фејсбук“ се огради од било каква поврзаност со случајот и со агенцијата „Рубикон“. Сепак, истрагата на ОЈО укажува на спротивното.
Обвинителството најавува проширување на истрагата, додека јавноста очекува одговорност за пропустите кои доведоа до трагичните последици во Кочани.


