УЧЕБНАТА ГОДИНА ЗАВРШИ Јаневска со честитка до учениците, наставниците и родителите

Со завршувањето на учебната година и започнувањето на уписите, учениците и наставниците ја заокружуваат уште една важна фаза од образовниот процес.

УЧЕБНАТА ГОДИНА ЗАВРШИ Јаневска со честитка до учениците, наставниците и родителите
Фото: Принтскрин

Денеска завршува учебната 2024/2025 година за основците и средношколците, кои од утре заминуваат на летен распуст што ќе трае до 31 август.

Матурантите наставата ја завршија уште на 16 мај, а утре (11 јуни) ги очекува вториот екстерен испит од државната матура. Претходно, на 31 мај, над 15.000 матуранти го полагаа задолжителниот испит по мајчин јазик.

Полуматурантите во текот на јуни ќе се запишуваат во прва година средно образование. Пријавувањето се врши електронски преку платформата euslugi.mon.gov.mk, со најава преку сопствените кориснички сметки на schools.mk.

Министерството за образование и наука најави две електронски пријавувања во јуни. Првото пријавување ќе се одржи од 14 јуни (од 00:00 часот) до 17 јуни (до 23:59 часот), а доставувањето на потребната документација до училиштата е предвидено за 18 и 19 јуни.

Второто пријавување ќе се реализира на 30 јуни, а документите ќе се доставуваат на 1 јули.

Со завршувањето на учебната година и започнувањето на уписите, учениците и наставниците ја заокружуваат уште една важна фаза од образовниот процес.

Истовремено, министерката за образование и наука Весна Јаневска упати честитки до сите основци и средношколци посакувајќи им пријатен и исполнет летен распуст.

„Пред вас е летниот распуст, добро одморете се, но не заборавајте дека има време и за игра и за читање книга, и за забава и за совладување нови вештини, за дружење и за користење на компјутерот за истражување“, напиша Јаневска на својот фејсбук-профил.

Честитки министерката упати и до наставниците, учителите и професорите, истакнувајќи ја нивната клучна улога во образовниот процес.

„Секој училишен ден вие им помагавте на младите луѓе да стекнат нови знаења и да бидат поспособни за соочување со животните предизвици. Го цениме вашиот труд – ги зголемивме вашите плати за над 12 отсто, а тие ќе продолжат да растат. Континуирано ги подобруваме и условите во кои работите, бидејќи вие сте столбот врз кој го градиме квалитетниот воспитно-образовен систем“, нагласи Јаневска.

Посебна благодарност министерката упати и до родителите и старателите, кои ги нарече партнери во образованието.

„Чесни, праведни и одговорни луѓе, со знаења и вредности, можеме да изградиме само со заедничка посветеност“, порача таа.

Јаневска најави дека Министерството за образование и наука продолжува со спроведување на реформи во образовниот систем. Работи на нова Стратегија за образование, на создавање услови за едносменско работење и продолжен престој во што поголем број училишта, подобрување на инфраструктурата, унапредување на наставните програми и учебниците, како и забрзување на процесот на дигитализација.

CATEGORIES
TAGS
Share This