ОБЈАВЕНИ ДВА ОГЛАСИ ЗА САМОВРАБОТУВАЊЕ Поддршка до 10.000 евра за млади невработени

Огласите се дел од Оперативниот план за активни програми и мерки за вработување за 2025 година, со цел стимулирање на претприемништвото и намалување на невработеноста во државата.

ОБЈАВЕНИ ДВА ОГЛАСИ ЗА САМОВРАБОТУВАЊЕ Поддршка до 10.000 евра за млади невработени
Фото: Влада

Министерството за економија и труд објави два јавни огласи за самовработување како дел од активните мерки за вработување. Со нивна реализација, невработените лица ќе имаат можност да добијат неповратни средства во висина до 10.000 евра, со цел отворање или легализирање на сопствен бизнис.

Според условите на програмата, право на аплицирање имаат младите невработени лица до 29 години, кои ќе можат да добијат грант до 10.000 евра. За останатите невработени лица постари од 29 години, поддршката изнесува до 7.000 евра.

Програмата ги опфаќа и припадниците на ранливите категории граѓани, како што се:

  • жени жртви на родово базирано и семејно насилство,

  • невработени лица Роми,

  • повратници од странство,

  • корисници на гарантирана минимална помош,

  • како и лица кои веќе неформално вршат дејност и сакаат да ја формализираат.

Министерот за економија и труд, Бесар Дурмиши, посочи дека мерките не се наменети за наградување на оние што досега работеле нелегално, туку за поддршка на лицата што сакаат да го прошират својот капацитет и да вработат уште едно лице.

„Интересот е граѓаните кои веќе имаат активност, да можат да ја формализираат и да добијат поддршка, доколку сакаат да вработат уште едно лице“, истакна Дурмиши.

Процесот за аплицирање започнува со јавен повик до невработените лица, кои потоа се пријавуваат во центрите за вработување и пополнуваат првичен прашалник. По оваа фаза се формира ранг-листа на прифатени кандидати, кои потоа посетуваат обука за претприемништво и развој на бизнис вештини.

По завршувањето на обуката, апликантите подготвуваат бизнис план заедно со ангажирани консултанти од Агенцијата за поддршка на претприемништво. Последната фаза е проценка од страна на експертска комисија која ќе одлучува за доделување на средствата.

Огласите се дел од Оперативниот план за активни програми и мерки за вработување за 2025 година, со цел стимулирање на претприемништвото и намалување на невработеноста во државата.

CATEGORIES
TAGS
Share This