НОВИ ИМИЊА ВО ВЛАДАТА Алиу на чело на здравство, Хоџа заменик во земјоделство
Изборот на новите кадри доаѓа по политичките промени од 12 мај, кога лидерот на Алијанса за Албанците и тогашен министер за здравство, Арбен Таравари, објави дека партијата излегува од владината коалиција и преминува во опозиција

Собранието денеска со 65 гласови „за“ и 15 „против“ го избра Азир Алиу за нов министер за здравство, а Албрим Хоџа за заменик-министер за земјоделство. Со ова, Алиу од утре официјално ќе го преземе раководењето со ресорот здравство.
Изборот уследи по собраниска дебата во која опозициските партии го критикуваа именувањето на Алиу, оценувајќи дека тој нема соодветна стручност за водење на здравствениот сектор. Наспроти тоа, премиерот Христијан Мицкоски го бранеше изборот, истакнувајќи дека Алиу е најдобрата опција за модернизација и ефикасно менаџирање на здравствениот систем, нагласувајќи дека ќе има силна поддршка од него како премиер.
Во одбрана на Албрим Хоџа за заменик-министер за земјоделство, беше посочено неговото добро познавање на теренот и прашањата поврзани со овој сектор.
Изборот на новите кадри доаѓа по политичките промени од 12 мај, кога лидерот на Алијанса за Албанците и тогашен министер за здравство, Арбен Таравари, објави дека партијата излегува од владината коалиција и преминува во опозиција. Азир Алиу, како негов поранешен сопартиец, остана дел од новото парламентарно мнозинство предводено од коалицијата Вреди.
Алиу има искуство во извршната власт – тој беше министер за информатичко општество и администрација во владата на Димитар Ковачевски во периодот 2023–2024 година.


