ВЕРА, СПОМЕН, НАДЕЖ Денес е Задушница, се молиме за упокоените
Со денешниот молитвен спомен, православната црква ја изразува верата дека „преку Светиот Дух живее секоја душа“ и потсетува дека упокоените остануваат дел од заедницата на верните, обединети во Христовата љубов.

Денешната сабота, која се паѓа пред големиот христијански празник Педесетница – познат и како Духовден, е посветена на молитвен спомен за сите починати благочестиви христијани.
Овој ден, познат како Духовденска задушница, има особено значење во православната традиција, бидејќи со него се нагласува врската меѓу живите и упокоените во домостројот на спасението.
Според црковното учење, слегувањето на Светиот Дух, кое се слави на Педесетница, ја заокружува Божјата промисла за спасението на човекот. Во таа вечна радост на духовно обновување, Црквата ги вклучува и упокоените, молејќи се Светиот Дух – Утешителот, да им подари блаженство и мир на душите.
Затоа, на денешната задушница, се служат литургии и панихиди, а верниците принесуваат молитви и принесоци за душите на своите блиски. Свети Василиј Велики, автор на умилителните молитви што се читаат на вечерната служба на Педесетница, нагласува дека овој ден е особено благопријатен за молитви за покојните – дури и за оние што „се држени во адот“, со надеж дека Божјата милост ќе ги допре и нив.
Со денешниот молитвен спомен, православната црква ја изразува верата дека „преку Светиот Дух живее секоја душа“ и потсетува дека упокоените остануваат дел од заедницата на верните, обединети во Христовата љубов.


